Анализа на состојбата на животната срединa
Со самиот влез во училишниот двор и училиштето, се добива чувство за пријатен престој и здрава животна средина за учење и работење. Училишниот двор е простран и поделен на делови. Предниот дел од училишниот двор е тревна површина со засадени грмушести и други видови растенија, хортикултурално уредена жардињера, безбедна зона за оставање велосипеди и клупи за одмор.
Особено омилено место на учениците и вработените за одмор, рекреација истражување и набљудување е еко градината и еко училницата. Градината располага со ниска вегетација цветни, грмушести и зимзелени растенија на кои се поставени куќички за птици. Во градината поставени се два базени за собирање дождовница и една компостерка за компостирање на отпад.
Во училишната зграда поставени се контејнери за селектирање на отпад (хартија и пластика) и истите имаат практична примена за намалување на отпадот во училиштето и локалната средина. Во училниците и холовите истакнати едукативни пораки и упатства за заштеда на природните ресурси и развивање на еколошката свест. Штедењето на енергија и вода се дел од приоритетите на активностите од еко програмата. Во сите училници поставени се штедливи светилки. Чешмите и казанчињата кои повремено се расипуваат и капат, навремено се поправаат. Цвеќињата кои го красат и го озеленуваат училишниот хол и училниците, учениците ги полеваат со дождовницата собрана од базените.
За целосна искористеност и функционалност на целокупниот училишен двор како следен приоритет е уредување на задниот дел од училишниот двор. За таа цел планирани се активности за: замена на постоечката ограда од училишниот двор, санирање на спортските реквизити, изработување и поставување жардињери од отпад и природен материјал, засадување садници и поставување корпи за отпад и знаци. Со активностите кои ќе бидат превземени се очекува да се подобри изгледот на училишниот двор, градења позитивен став кон природата од страна на учениците, вработените и локалното население, развивање на креативни вештини и критичко размислување за хортикултурално и партерно уредување на училишниот двор.